Личен лексикон
Ц: ЦАПНАТА
1.
Тој е умник.
Затапил мозок ко толчник.
Тој е катник.
Залутал в срце ко скитник.
Тој е песјак.
Се зарил во коски ко дивјак.
2.
Тој е палец.
Како гаталец води еден паталец.
Тој е показалец.
Везден покажува вистински правец.
Тој е чулец.
По телово размазен летувалец.
З: ЗАГЛАВЕНА [CLICK]
1.
Тој е вечна поетски сплет за еден мрачен поет.
Го превртува низ мечтите,
Го проверува низ зборовите,
Го проветрува низ зглавје хартија.
А, песната ко пролетен повев, провејува низ помените.
2.
Тој е поет заробен во еден бесценет сонет.
Низ него брза од брда зборој гонет
И од стихии на стихот ненаклонет
Да ги врзе сите в брак озаконет.
Во тој проклет сонет, за него бесценет.
Р: РЕЛИГИОЗНА [CLICK]
1.
1. Тој е Бог што ги симна сите долу;
2. Ги стори прости луѓе, а не идоли;
3. Од почит го в немост словам;
4. И в недела, без дела славам;
5. Ко родител со чест го гледам;
6. Со чедна мисла сегде следам;
7. Други љубам, не прељубувам;
8. Љубов дaвам, не приграбувам;
9. Во чиста љубов, лага не кажувам;
10. За туѓо не се прелажувам,
око настрана не залажувам.
Тој е моја причина за сите 10 Божји заповеди.
2.
1. Го јадам од внатре, ненаситно;
2. Го голтам нервозно, рапидно;
3. Го цицам без мера, наврапито;
4. Го ждерам лакомо и на сито;
5. Останки глодам лено, а опитно;
6. И ги чувам завидливо, ситно;
7. Горделиво висната над парчето битно.
Тој е моја причина за сите 7 Смртни гревови.
Ѓ: ЃАВОЛЕСТА [CLICK]
1.
Тој е певец со очи:
Mилозвучен повик од погледот точи
Тој е патник со дланки:
По знајни и незнајни предели од моите длапки
2.
Тој е очевидец со уста:
Подзинува, кога по тело минува
Тој е сликар со стапала:
На знајни и незнајни предели од нашите стапалки
П: ПОСВЕТЕНА [CLICK]
1.
Тој е една точка, една самотничка
за дневниот престој во свеста
Тој е две точки, две близни близначки
за ноќниот престој во потсвеста
Тој е три точки, три скитнички
за сите недоречености во
двојството на мојот живот
2.
Тој е свест што се качи ко закачка
во секоја мисловна точка и подточка
Тој е подсвест што се точи и источка
во две точки: залез-западна, разден-источна
Тој е живот што пред очи се преточи
во три точки: старска, млада и почетничка