Коси
Една-жедна женка-сложенка, жари и стражари над сто мои пожари.
Ко гонич со бич, в прогон ги гони, сите ситни, нерви неверни. И заигруваат сите камшици на мојата совест, заструнуваат ко гласови во мојата свест. Денати во диво месо под главата, бараат диво место над главата. Да збеснуваат, да збудалуваат, нескротено јаве да сонуваат, бесно сонот да го странствуваат.
Мојте долги коси.
Една-жедна женка-сложенка ги живна и жигна мојте нежни нерви.
Пекнати и за надвор препекнати, снаги си подаваат, за светлина се продаваат. На сонце ко пламени јазици да се жарат, на виор ко вител витките да им се жерават.
Мојте долги коси.
Кротум да начинат сплет, в немир да сторат преплет. Во знак на послушност да се споени, на слобода распојасани. Во срам да се мрсат, в чедност размрсуваат. За памет да се чешлани, без ум и акал чупани. Во младост да се чупави, на старост чопави. Во јад да се кострешат, во јанѕа проретчуваат. Од мака да се истенчат, од бол да се иссенчат, од болест да побелат, во оздрав да се променат. На припек да цветаат, на залез да венеат, на пролет да бујаат, зиме да прецветаат.
Да бидат верна мена за секоја нервна промена.
Мојте долги коси.