Warning: Undefined array key "HTTP_ACCEPT_LANGUAGE" in /var/www/evermind.me/plugins/i18n_base/frontend.class.php on line 24

Deprecated: explode(): Passing null to parameter #2 ($string) of type string is deprecated in /var/www/evermind.me/plugins/i18n_base/frontend.class.php on line 24
Градот - Biljana Gjoneska - Official Website

Градот

 

Велат: Како Струга нема друга.
Ќе речам: Во секоја друга ја наоѓам Струга.

Во стаклените површини на северните мориња се огледува езерското огледало. Тоа блескавата јагула ја донела со себе сета езерска бистрина, ја вгнездила во своите крлушки како бисер и ја распослала во морските мрестилишта. И тие светкаат токму како огледала под површината.

На јужните плажи е распослана струшката Копакабана. Распојасана по цела ширина го опфатила околу појас градот, како да потфатила млада мома. Така градот-девојка може безбедно да се огледува во езерото, а да не потоне, да се изгуби и загине во неговата длабочина.

Во источните билки за’ртил струшкиот воден лилјан. Притаен во околните диви плажи како скриено богатство овој личен побратим на лотосовиот цвет, се открива само пред упорните трагачи на убавина. Оние кои го исчистиле внатрешното око од раски и го отвориле за разобличување естетски скаски.  Само тие можат да го видат белиот цвет и во него да го согледаат симболот за преобразба, за раст и процветување во кралски спој на духовна и физичка личнотија.

Во градбите на западните цивилизации се вградени струшките мостови на поезијата. Премостувајќи јазични бариери тие спојки градат пријателства меѓу народите, издигајќи се во својата скромност како едни од најдостојните паметници на цивилизацијата.

 

Велат: На Струга дуќан да имам.
Ќе речам: Во дуќанот Струга да бидам.

Да појдам во градот-дуќан на пазарен ден и да видам како Господ се пазарел со природата. Да осетам како природата се исценкала за најповолно, добила сé, а потоа го распослала пред моите нозе. Да добијам и пиле и млеко. Па, да ги појам беспомошните пилиња со најпресно млеко и потоа да го вдомам изложениот хор при струшките певци. Кај петлите што ги отвораат излозите на градот од зори, за да ја понудат бесплатно неговата бесценета раскошност на сите намерници.  

 

Велам: Кој дошол в Струга, оставил душа.
Ќе речат: Оставил душа оној кој во струшкиот ритам своето срце го слуша.

Замелушувачкиот ритам на градот го успива срцето и помамната убавина го тера да работи со прескок. И навистина срцето доцни, па целото битисување наликува на споро испуштање душа.