Warning: Undefined array key "HTTP_ACCEPT_LANGUAGE" in /var/www/evermind.me/plugins/i18n_base/frontend.class.php on line 24

Deprecated: explode(): Passing null to parameter #2 ($string) of type string is deprecated in /var/www/evermind.me/plugins/i18n_base/frontend.class.php on line 24
Струга(јќи) под површините - Biljana Gjoneska - Official Website

Струга(јќи) под површините

 

 

Едно време, кога градот Струга не бил ниту мислена именка, се случиле низа настани што на именката ѝ дале смисла, и дом во секоја мисла од струшките поколенија.

Времето било старо-аро, перено-носено и многу ветво, но ова предание ги проветрува настаните од прапочеток и ги преподава со ред. Почнува со една длабока вода без длапка, едно езеро без газер, оти тоа било спастрено на место многу понапред од градовите. Значи, пред сé да се сврти наопаку, големата вода не била ничива и се викала просто Езеро, а околните места се викале Езерски маала. Езерото било мудра и грижлива прамајка која само навидум мирувала, а всушност воопшто не тивнувала. Таа не дремела туку будно демнела со очи севидими што севезден езделе над населението, вардејќи ги роднокрајните и падејќи ги придојдените жители. За другите ова езеро било луто-зер како некој лут ѕвер, но за својте тоа било езгро на спокојот, кротко и питомо. Затоа езерјаните ја обожувале водата и дозволувале нејзините длабини да бидат дрезгави мрестилишта на човечки судбини, а водната површина да биде мазно огледало за човечката иднина.

Природно, најважниот адет од најсудбинскиот момент во животот на мештаните, бил баш езерски. Според овој обичај, младите откако ќе си се бендисаат но пред да се ќердосаат, требале да влезат во вода. Поточно, момчето требало да си го поземе момичето в езеро и да ја искапи, за да ја прероди во своја најблиза родбина и препороди ко своја судбина. Во овие прилики езерската вода била пречиста и благословувала нов живот и соживот, била питка ко изворска и враќала во живот, била сушта ко плодова и давала живот. Значи, езерото главно мајчински ја одобрувало оваа глетка, штитејќи ги младите в прегратка. Некогаш ретко, кога ќе сетело чудни струи и енергии, кревало бранови и ги отфрлало младите од пазуви. И секогаш било за арно, оти езерото не грешело никогаш. Освен еднаш...

Тој ден се сретиле едно момче тамошно и едно моме малку ко неовдешно. Се имале видено и порано, ама било речено дека кај брегот ќе се видат поарно. И вистина, на удвоената светлина од болскотната тепсија, младичот најубаво видел дека недопрената белина од девојчиното лице неусетно преминува во податливо руменило од вајаните усни. И вистина, на помноженото видело од сјајното огледало, девојката најсетне сетила колку вешто се измирува восочната меденост од мажественото лице со вишновото мастило од неговите усни. Се здогледале и ко да прогледале, па се таксале за навек. По редот на нештата, останало уште езерото да даде благослов.

На влегување во вода младите биле претпазливи зашто од пуста севда се прибојувале за иднината на брачната судба. Стравувале дека не можат да си станат род, бидејќи не биле од ист град. Затоа, прво влегло момчето сосем само, понесувајќи само еден возљубен момински поглед: девојчинските очи биле сини и се сториле водни капки, та му капнале на неговите плешки. За да не му претежнат на езерото, и момчето фрлило поглед назад кон нејзините разбранувани гради. Арно ама, не успеале да ја прелажат големата вода. На првиот лек допир од туѓи погледи таа почнала љубоморно да хучи и да бучи. Како да го беше посакала момчето само за себе, па се заканила и запенавила. На ова момчето одговорило со неколку спретни движења на прстите. Оти езерскиот син бил вешт вајар со звучни бранови па нежно ги вткал во водните бранови, та ги врзал, ги саштисал. Во разурланите тонови вплел приспивни шумови и ги пуштил умилкувачки по езерската шир, и глеј, водата в час се вратила во состојба на мир. Потем момчето се охрабрило и ја повикало при себе таа што ја имал избрано спроти себе. Кога го сетило ова, надиграното езеро се надигнало и побеснело. Привремено примирено како во затишје пред бура, сега се отворило во целата застрашувачка раскош, за да направи пустош и да го голтне момето. Попусти биле сите момчешки зафати со раце, и претања со нозе, и тресење со цела снага. Најнакрај дубело и на клепки. Со нив дури и завеслало оти тие му ја чувале од окото зеницата, а зеницата била носена од матицата. Момчето клепајќи веслало кон пристаништето, а момичето ја сплело својата руса коса за да се закотви за брегот. Но, место ортома за спас, косата станала јамка околу врат што ја гушела девојката и ја тонела снагата. И така, судбината не сакала да победи саканата туку суетата. Езерото ги надвладеало, ја повлекло момата праудолу и ја задржало во својата утроба за навек. Момчакот се избавил и извлекол жива глава сосе едно приумрено срце.

На брегот каде се спасил, на истекот од езерото, младичот ја изградил најубавата плажа. Ја крстил „Галеб“ оти ја стругал во камен и ја клесал во спомен на најубавата грлица, својата прерано одлетана птица. Години подоцна, крај плажата никнал град. Го завикале Струга во чест на единствениот кој пркосно ѝ беше стругнал на судбината, и дрско беше стругнал под површината. Од колективното несвесно и легендите, право до суштината на љубовта и спомените.