Задевање*
Ја поведе на разгледување низ родниот град. Таа не беше роднокрајна. Но, беше припитомена од питомиот поглед. И крајот. И сите навестени почетоци.
- Ќе забележиш дека ова е домаќински град. Само куќи и дворови го полнат окото – се истопори момчето возгордеано.
- Е што има домаќинско во тоа расипништво со простор? – се заинаети нејзината еколошка свест.
- Ене, ѕирни во дворовите: речиси да не постои куќа околу која не никнале плодови. Одгледувани се со голема грижа, како деца. Затоа се многу вкусни.
- Токму така! Пред малку купив овошје од пазарот. Посебно доживување!
- Ама не, тие не се од дворовиве и не се наменети за ближниот. Мештанскиве се посебни. Така добро чувани и пазени, пошле чекор понапред во нивната еволуција. И сите тие збрани заедно, пак можат само да и позавидат на румената јадрост од твојата милина – испали во еден рафал момчето.
- Што?! – се сепна и само што не се препна девојчето.
- Велам, сите плодови можат да и позавидат на твојата малина. Нели тоа беше твојата најсакана овошка?
Девојчето се вцрви од помислата дека Фројд за миг си поиграл со нејзиниот слух, па многу верно заличе на описот од предмалку. Ама тоа траеше само еден миг, зашто веќе следниот се прибра и го продолжи текот на мислата.
- Да, малината ми е омилена. Многу ми наликува на морула. Тоа е една од фазите во развојот на ембрионот кога клетките се множат како споулавени. Токму во таа фаза времето се забрзува и од ништо се создава нешто. За’ртува никулец исто како кај твојте плодови.
На зборот, момчето се озари. Победоносно извади кантичка полна малини и така самиот успешно го забрза времето, зашто од збор премина на дело.
- Повели! Од мојот двор. Ова како награда зашто успеа да споиш медицински и лирски момент. Единствениот друг лекар за кој знам дека толку успешно си играл со овие концепти е Чехов. И тој ги спојувал како од шега.
- Ех, сега – рече сметено девојчето. Потоа се досети – Јас пак знам и други стружани кои си поигруваат како Чехов. Тие и едно развревено возење со педалинка по Дримот можат да претворат во негова приказна – на оваа реченица го сврте погледот кон момчето и ја подигна веѓата, да види дали на таа извиена веѓа ќе се препне неговиот поглед. Сакаше со брза итроштина да дознае дали неговата совест се препознала во туѓа приказна.
Но, момчето како штотуку да беше решило да почне со развлекување на времето па возврати со прашален поглед. На девојчето не му преостануваше ништо друго и се нафрли на малините, за да се заштити од дополнително објаснување. Одеа молкум некое време.
- Мммм, нирвана и катарза истовремено – конечно исцеди и некој збор како додаток на малиновиот сок од нејзината уста.
- Така е. Нема подобар избор од малините како главна преокупација во ова безделничење по сокациве. Овие улички се како создадени за малини и сакање.
- Како?! – малку раздразнето се избрза со прашањето.
- Тоа де, улициве плачат за акање. Се заакаш низ нив бесцелно, се запукаш замислено и мислиш кој знае каде си стигнал, а всушност си пристигнал на езеро.
Девојчето почна да се сневеселува. Ја обеспокојуваше насетуваната преосетливост, претставена како неосетливост. А, богами и сознанието дека во таа евентуална женска игра на метапораки губи токму од машко.
- Аааа, да. Сите патишта водат крај езеро. Убаво е таму на отворено. Ајде и ние да излеземе на таа чистина! Доста вртевме кругови низ струшкиов лавиринт! Лесно ти е тебе, тука си на своја територија. Јас сум дојденец и секој завртен круг за мене не ја заокружува целината туку како да отвара нов, различен. На крај имам чувство дека крстосуваме на неколку нивоа паралелно. Како да е градов сотворен од повеќе димензии. Тоа може да ме зашемети.
- Велиш дека ова вртење може да ти ја помати свеста? И зошто е тоа трагично? – стратешки се насмевнуваше момчето.
- Па, тоа... што ќе правам тогаш кога повеќе нема да знам што правам? – плачливо прашуваше девојчето.
Младичот попушти. Се приближи доволно, за со шепот да ги допре девојчините мисли и образи.
- Можно е и јас да се изгубам на моја територија. Па да заборавам кај сум и што правам. Но, не се грижам. Нашите сенки најдобро ќе нé потсетат.
И навистина, на уличката, под светилката, две сенки сосем втренчени една во друга најгласно го викаа премолченото. Нивниот глас го слушаше ноќта и еден чичко на балконот од блиската куќа.